Адел апсолутна победничка на Brit Awards – видео

Британската поп ѕвезда Адел е апсолутна победничка на доделувањето на наградите на британската музичка индустрија, Brit Awards. Адел освои четири награди, за најдобра британска пејачка, најдобар албум „25“, најдобар сингл „Hello“ и за глобален успех.

Image

„Многу ми значи ваквиот топол примен на сцената на која се враќам по подолго време“, рекла Адел, која шоуто го затвори со песната „When We Were Young“.

Brit Awards му одаде потчит на неодамна починатиот Дејвид Боуви. Пејачката Ени Ленокс рекла дека Боуви бил „вистински визионер“ и „иконокласт“. Наградата Brit Icon во име на покојниот пејач и неговото семејство ја прими познатиот актер Гери Олдман.

„Дејвид беше смртник, но твојот потенцијал беше надчовечки, а твојата музика и понатаму живее“, рекол Олдман. Потоа бендот на Боуви изведе микс на неколку негови хитови, а на крајот им се приклучи новозеландската пејачка Lorde, која ја отпеа „Life on Mars“.

Доделувањето на Brit наградите ги отвори Coldplay. Популарната четворка, предводена од Крис Мартин, ја освои нагрдата за најдобар британски бенд, со што станаа најуспешни во оваа категорија во историјата на Brit Awards.

Наградата за најдобар британски пејач му припадна на James Bay, додека австралискиот рок бенд Tame Impala ја освои наградата за најдобра странска група. Најдобра пејачка од странство е Bjork, а најдобар странски пејач Jastin Bieber.

Наградата за најдобро видео замина кај One Direction, за видео записот за песната „Drag Me Down“.

Најдобри дебитанти се британскиот инди рок бенд Catfish and the Bottlemem, додека наградата на критичарите ја освои пејачот Jack Garratt, кој во февруари го објави својот прв албум „Phase“.