Актерот Стивен Сигал доби српски пасош

Српскиот премиер Александар Вучиќ во вторникот во Белград му го врачи српскиот пасош на американскиот актер, херој од акционите филмови, музичар и хуманитарец Стивен Сигал, кој минатата седмица доби српско државјанство.

Image
Белградските медиуми објавија во понеделникот дека во службениот весник е објавено дека „се прима во државјанство на Република Србија Сигал Стивен Фредерик…., државјанин на САД“.

На електронското издание на весникот Блиц е поставена анкета во којашто за десет проценти водат противниците на одлуката на холивудската ѕвезда да ѝ се додели државјанство на Србија.

Сигал често гостува во Србија со својот рок и блуз бенд на различни хуманитарни акции а настапи и на новогодишниот концерт во Белград пред српскиот парламент.

Сега 63-годишниот актер на средбата со српскиот премиер рекол дека ќе стори сé што подобро и што подостоинствено да ја промовира Србија којашто ја смета за своја нова татковина.

Сигал во текот на своите посети ја фалеше српската влада, а тврди дека Србија претрпела неправди во поновата историја, како и дека Американците имаат предрасуди против Србите и кон нивната улога во војните на просторот на поранешна СФРЈ во 1990-те.

Популарниот актер кој е и познат како стручњак за источните боречки вештини, изразил желба во Белград да отвори аикидо клуб.