Анкетна комисија за аферата со фалсификуваните лични карти на првата седница, во четврток, го изгласа деловникот за работа, иако не присуствуваа пратеници од опозицијата.
Претседателот на Комисијата, Илија Димовски, сметаше дека има доволно членови за усвојување на Деловникот, по што се договори прво да се изготви план за работа, а потоа пратеничките групи и независната пратеничка Солза Грчева до понеделник да достават листа на сведоци кои би сведочеле пред оваа Комисија.
Секоја пратеничка група и независната пратеничка Грчева до понеделник треба да дадат предлог која институција поврзана со аферата за личните карти да се посети, а до понеделник Комисијата треба писмено да се обрати до институците кои можат да им дадат информации за да помогнат при извршување на работата.
Деловникот беше изгласан со еден воздржан, а расправата траеше околу половина час и се одвиваше во мирна атмосфера. Се остави простор и на понатамошните седници да се приклучи опозицијата.
Пред почетокот на седницата на оваа Анкетната комисија, пратеникот Петре Шилегов од СДСМ на прес-конференција рече дека ВМРО – ДПМНЕ измислува нова драмолетка за нова Анкетна комисија и потврди дека опозицијата нема да учествува во нејзината работа.
Новата Анкетна комисија е формирана на предлог на ВМРО – ДПМНЕ, затоа што сметаат дека аферата со фалсификуваните лични карти што ја откри неделникот `Фокус` е поврзана со опозициската партија СДСМ.