Бендот Rammstein ја тужи Германија поради цензура на албумот „Liebe ist für alle da“

Германскиот хеви-метал бенд Rammstein поднесе тужба против Германија поради албумот „Liebe ist für alle da“ кој во 2009 година беше цензуриран и забранет „поради неморал“. 

Image (2)

Во рамките на германската влада дејствува Одделот за штетни медиум, односно агенција која е одговорна за листата дела и трудови коишто потенцијално можат да им наштетат на младите, а којашто во 2009 година одлучи дека песната „Ich tu dir weh“ (Ти задавам болка) од албумот „Liebe ist für alle da“ (Љубовта е за сите), како и сликите од корицата за ЦД-то, се „нечовечни и неморални“. Така, целиот албум беше ставен на „црната листа“.

Според прописите, кога нечиј труд или дело веќе еднаш ќе се најде на листата на споменатата агенција, неговото рекламирање се забранува, и може да се продава само под многу строги услови.

Групата сега тврди дека морале да уништат или да повлечат од продажба речиси 85.000 копии од албумот по таквото негово класифицирање, и бараат отштета во износ од 66.000 евра.

На оригиналната корица на албумот се прикажани членовите на групата околу трпезариска маса на којашто е „сервирана“ гола девојка. На задната страница од албумот трпезариската маса е прикажана со неколку остатоци од тело. Сепак, најголем проблем била внатрешната слика, која прикажува еден од членовите на бендот како ја удира девојката по задникот.

Албумот без проблеми беше објавуван во остатокот од светот, додека во Германија мораше да се продава во цензурираната форма, само на возрасни лица и без маркетинг.

Меѓутоа, албумот не остана долго на „црната листа“, откако судот во Келн по половина година ја отстрани забраната со појаснување дека класификацијата била нелегална, бидејќи при носењето на одлуката било пренебрегнато разгледувањето на „уметничката слобода“. Судот тврдеше дека претераното прикажување на насилство е обележје на групата, како и дека таквите претерани прикази не можат да се сметаат за реален израз на насилство.

Нејасно е зошто бендот дури сега одлучил да ја тужи германската држава, седум години по забраната, но шестмесечната забрана ја објаснува ниската сума што се бара како отштета. Групата Rammstein во врска со овој случај на суд ќе се појави летово.

макфакс