Втор протест против загадувањето во Скопје

Во понеделник, во 17 часот, пред зградата на Владата во Скопје е најавен вториот протест против загадувањето „Излези за воздух“, во организација на дваесетина граѓански организации.

Image

Организаторите велат дека нема време за чекање и оти надлежните треба да преземат итни мерки со кои ќе се заштити здравјето на луѓето.

Предлагаат повеќе краткорочни, среднорочни и долгорични мерки за спас од енормното загадување на воздухот.

Дел од мерките се однесуваат на сообраќајот, дел на индустриските капацитети и греењето на домаќинствата, а препорачуваат и засилени инспекциски контроли.

На вчерашната вонредна седница, македонската влада го задолжи министерството за животна средина на граѓаните да им препорача почесто да го користат јавниот превоз и да не ги користат сопствените возила без посебна потреба. Тие треба ја рационализираат употребата на автомобили што подразбира повеќе лица во едно возило.

Во последните недели воздухот во поголемите градови на Македонија е загаден над дозволеното ниво. Владата им препорача на работодавачите во Скопје и Тетово до 4 јануари да ги ослободат од работа бремените жени и постарите од 60 години. Препорачано е и почесто миење на улиците, како и редукција на индустриските капацитети.