Германската влада не сака ниту да чуе за користење оружје против имигрантите

Германската влада која ја предводи канцеларката Ангела Меркел, ги отфрли во понеделникот како „апсурдни“ сугестиите на челничката на сé популарната евроскептична десна партија Алтернатива за Германија (AfD) дека на полицијата би можело да ѝ се дозволи употребата на оружје против илегалните имигранти кои се обидуваат да влезат во земјата.

Image
Коментирајќи го предлогот на Фрауке Петри, челничката на Алтернатива за Германија (AfD), Петер Алтмаер, шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел изјави дека „Тој предлог е нехуман и апсурден. AfD со тоа го покажа своето вистинско лице“. Додаде дека смета оти поради тоа ќе падне поддршката за партијата.

Во моментов AfD е на третото место според популарноста меѓу Германците, со поддршка од околу 13 отсто, зад конзервативците на Меркел и социјалдемократите кои се во владејачката коалиција. Пред Петри да ја преземе партијата, AfD во анкетите освојуваше до 3 доверба. Според аналитичарите, поддршката ја земаат токму од конзервативците од редовите на CDU на Меркел кои се незадоволни од нејзината политика на отворени граници за бегалците и имигрантите.

И портпаролот на германското министерство за внатрешни работи, исто така, во понеделникот изјави дека користењето оружје против имигрантите не доаѓа предвид.

Коментарите на Петри веднаш во неделата наидоа на осуди од левите партии и претставниците на синдикатот на полицајците во Германија, којашто минатата година прими 1,1 милиони бегалци и имигранти.