Дани Алвеш спасителот на Бразил

Уругвај и Еквадор ја предводат табелата во јужноамериканската квалификациска зона за пласман на Светското првенство во Русија, откако Уругвај минимално славеше над Перу, а Еквадор загуби во Колумбија. Меч винер на шестото коло е Дани Алвеш, кој со гол во 93.минута му донесе бод на Бразил против Парагвај.

Image

Уругвајската репрезентација се искачи на лидерската позиција на табелата по триумфот над Перу 1:0. Единствениот гол на мечот го постигна Кавани во 53.минута, по асистенцијата на Луис Суарез.

Аргентина за половина час го реши победникот на дуелот со аутсајдерот Боливија. Десниот бек Меркадо го постигна првиот гол во 20.минута, а десет минути подoцна конечниот резултат го постави Меси од пенал. За најдобриот играч во светот тоа беше 50-от гол во националниот тим.

Колумбија славеше над Еквадор со 3:1 и се врати во трката за пласман на СП. Бака постигна два гола, а еден Перез за Колумбијците, додека почесниот гол за Еквадор го постигна Аројо во последната минута од натпреварот.

Парагвај испушти победа против Бразил, кој настапи без својот најдобар играч Нејмар. Лескано и Бенитес во 40-та и 49-та минута му донесоа комотна предност на Парагвај, потоа ветеранот Рикардо Оливеира намали на 2:1 во 79.минута, конечните 2:2 го постави бекот на Барселона, Дани Алвеш во 93.минута.

Табела: 1.Уругвај 13, 2. Еквадор 13, 3. Аргентина 11, 4. Чиле 10, 5. Колумбија 10, 6. Бразил 9, 7. Парагвај 9, 8. Перу 4, 9. Боливија 3, 10. Венецуела 1.