Денеска истекува рокот за пријавување на спорните гласачи до ДИК

Скопје, 19 август, 2016 – 9:27 (META) 
dik-860x680

Рокот за пријавување на граѓани со спорни записи во Државната изборна комисија истекува денеска.

Имињата на спорните гласачи беа објавени на 26 јули и тие имаа рок од 25 дена да се запишат на списокот на гласачи. Пријавувањето се врши електронски преку апликација на веб-страницата на ДИК или лично во подрачните единици на Комисијата.

Објавени беа имињата на 39.502 гласачи кои се сметаа за спорни во Избирачкиот список, а заклучно со вчера се пријавиле вкупно 6.984 граѓани.

Од нив, 3.015 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 3.969 за пријавување ја искористиле веб-апликацијата на интернет-страницата на Комисијата. Електронските пријави подлежат на дополнителни проверки од страна на Комисијата.

Најмногу пријавени има во општините Чаир-974, Сарај-553, Куманово-500, Тетово-475, Аеродром-374, Кичево – 369, Центар-359 и Гостивар-320.

Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК денеска ќе работат до 19 часот, а граѓаните кои сакаат да се пријават преку апликацијата на веб-страницата, тоа ќе можат да го сторат до полноќ.

По истекот на рокот за пријавување на граѓаните, ДИК има на располагање 10 дена за да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи. Ако не се пријават во предвидениот рок спорните гласачи нема да бидат запишани во Избирачкиот список, но ќе добијат можност тоа да го направат за време на јавниот увид на списокот пред парламентарните избори.