Легендарниот британски музичар Дејвид Боуви во петок, на својот 69 роденден, го објави новиот албум Blackstar, кој критичарите веќе го оценуваат како негово најинвентивно дело.
Албумот е темелен врз џезот, специфичниот глас на Боуви, звукот на саксофонот, неговиот прв инструмент, како и врз ритам секцијата.
На Боуви во создавањето на албумот му помогна познатиот американски саксофонист Дони МекКаслин, кој го истражува звукот на полето на модерниот џез фанк и електронската музика. На две песни учествуваше и Џејмс марфи, движечката сила на бендот LCD Soundsystem, кој на преминот на 20-сеттиот век важеше како еден од најважните претставници на електронската музика.
На 25-ттиот студиски албум на Боуви има седум песни. Насловната трае 10 минути и зборува за смртта и религијата. Слична е и песната Lazarus, која Боуви ја напиша за истоимениот мјузикл.
Последниот албум пред овој, The Next day, Боуви го објави во 2013 година, по десетгодишна дискографска пауза. И тогаш првиот сингл “Where Are We Now” го објави на својот роденден.
Дејвид Боуви е роден 1947 година во Лондон како Дејвид Роберт Џонс. Кариерата му трае повеќе од четири децении, а во историјата на музиката се запиша како човек со илјада лица, уметнички имиња и музички стилови – од глем рок, соул, денс поп до електронска музика. Еден од најинвентивните и највлијателни музичари настапи и во неколку филмови и телевизиски продукции.