Дискографските куќи бараат од YouTube поголем дел од колачот

Трите најголеми светски музички издавачи Universal Music, Sony Music и Warner Music незадоволни од поделбата на дел од приходите влегуваат во преговори за лиценцирани содржини со видеоплатформата на Google, YouTube.

Image (9)
Имено, првите луѓе на дискографските куќи предупредуваат дека, без оглед на големата популарност на видео спотовите на YouTube, тие од заработката добиваат само трошки.

Најголема разлика се забележува меѓу приходите заработени од музичките содржини на каналот и приходите од рекламите што се прикажуваат за време на репродукцијата на музичката содржина, а кои YouTube ги задржува.

Само минатата година бројот на песни што се достапни преку бесплатните стриминг сервиси, каде што YouTube е најголем, пораснал за 101 отсто, пренесува The Financial Times, додека поврзаните приходи во музичката индустрија раснеле само 31 отсто.

„Технолошките гиганти се богатат на сметка на луѓето кои всушност ја создаваат музиката“, коментираше Кери Шерман, претседател и извршен директор на американското здружение на дискографи RIAA.

Критичарите во главно борбата на дискографите со музичките платформи ја сметаат за залудна.

Иако YouTube поседува алатки со кои ги штити авторските права на изведувачите и дискографските куќи под кои делото настанало, корисниците ширум светот наоѓаат начин како преку илегален пат да ја објават содржината.

„Ако она што го барате го најдете бесплатно на YouTube, тоа сигурно оди на штета на платените услуги“, смета Џејмс МекКвиви, аналитичар на Forrester Research.

макфакс