ЕВРО2016: Во Лил спречена масовна тепачка меѓу руски, англиски и велшки навивачи

 

Полицијата во француски Лил спречи судири меѓу навивачите на Русија, Велс и Англија во центарот на градот, јавуваат медиумите.

Image (6)

Британските навивачи, кои во текот на вторникот допатувале во Лил, ги провоцирале руските, пренесува руската спортска агенција Р-Спорт. Полицијата привела повеќе насилни навивачи од двата табора и во моментов ситуацијата во центарот на Лил е стабилна.

Телевизијата Sky Sports на својот акаунт на микроблогот Twitter објави дека биле уапсени двајца руски навивачи.

Во едно кафуле во центарот на Лил стотина алкохолизирани навивачи на Англија извадиле руско знаме. Откако го вееле пред телевизиските камери и насобраните новинари, потоа го фрлиле на земја и го газеле, пренесува дописникот на агенцијата ТАСС.

Во Лил во средата ќе се игра натпреварот од европското фудбалско првенство меѓу репрезентациите на Русија и Словачка. Покрај тоа, во градот се очекува масовно доаѓање на англиски и велшки навивачи пред натпреварот кој нивните национални селекции меѓу себе ќе го играат во четврток во блискиот град Ланс.

Претходно во вторникот европската фудбалска асоцијација го казни рускиот национален сојуз со драконска казна од 150.000 евра и со условно исклучување на руската репрезентација од турнирот, поради однесувањето на група од триесетина руски навивачи за време на мечот од првото коло од групата меѓу Русија и Англија (1-1).

Во вторникот, исто така, француската полиција блокираше еден автобус со 43 руски навивачи кои патувале во Лил за да го следат мечот Русија – Словачка. Сите тие се притворени во Марсеј. Доколку се покаже дека некои од нив учествувале во безредијата со англиските навивачи во Марсеј, ќе бидат изведен пред суд, изјавил за AFP префектот на тамошниот департман, Адолф Колрат.

макфакс