ЕВРО2016: Унгарија подобра од Австрија

Со двата гола во второто полувреме селекцијата на Унгарија ја изненади Австрија во првиот меч од првото коло во Грипата Ф на Европското првенство во Франција, одигран во Бордо. Стрелци за Унгарците беа Адам Салаи во 62 и Золтан Штјебер во 87 минута, а во 66 минута од игра беше исклучен Австриецот Александар Драгович.

Image (5)
Победата на Унгарија се смета за изненадување, бидејќи Австрија според прикажаното во квалификациите важеше за голем фаворит во средбата против источниот сосед. Покрај тоа унгарската репрезентација првпат по 1972 година успеа да се пласира на континенталниот шампионат.

Почетокот на мечот и навести дека Австрија ќе ја има иницијативата на теренот, бидејќи веќе во 31 секунда нејзиниот капитен Давид Алаба стрелаше одлично од повеќе од дваесет метри, но неговиот удар заврши во стативата. Алаба веќе во 10 минута се најде повторно во шанса, кога доби убава топка од Арнаутович, но 40-годишниот, нов рекордер според возраста на европските шампионат, унгарски голман Габор Кираљи успеа да одбрани.

Следеше период на умртвена игра до 3 минута, кога ударот на Јунузович Кираљи го брани, а во 41 минута најдобрата австриска шанса за гол ја пропушти Мартин Харник. Анраутович од левата крилна позиција уфрли кон натрчаниот Харник на втората статива но овој се погоди самиот себеси во ногата.

Првото полувреме заврши со единствената акција на Унгарците кога Ласло Клејненхејсер го проигра Балаш Џуџак, но унгарскиот капитен шутираше од 15 метри откосо покрај голот.

Натпреварот доби сосема поинаков тек од средината на второто полувреме. Прво во 62 минута Унгарија поведе по двојното проигрување меѓу Салаи и Клејнхејслер по што првиот излезе сам пред австрискиот голман Алмер и ја турна топката во мрежата. Четири минути подоцна Австрија остана со играч помалку, откако за фаулирање во напад втор жолт картон доби Драгович.

Разбирливо во продолжувањето унгарските фудбалери беа подобриот противник, а победа ја потврдија во 87 минута со акцијата на двајцата играчи кои влегоа како замени. Тамаш Пришкин влечеше по левата страна и го пронајде натрчаниот Штјебер кој ја поткопа топката над немоќниот австриски голман.

макфакс