Жестока прва дебата на Клинтон и на Трамп

Њујорк, 27 септември, 2016 – 10:47 (META) 
debata-klinton-donald

Жестока дебата имаа синоќа кандидатите за претседател на САД, Хилари Клинтон и Доналд Трамп, кои се соочија на првата од трите телевизиски дебати пред претседателските избори закажани на 8 ноември.

Клинтон го принуди Трамп да се брани, атакувајќи го во поглед на неговиот темперамент, одбивањето да ги објави неговите даноци, како и последните расистички и сексистички коментари.

– Вие живеете во своја сопствена реалност – му рече 68-годишната кандидатка на демократите на Трамп, обвинувајќи го дека политичката кариера ја почнал користејќи „расистичка лага“ дека претседателот на САД, Барак Обама, не е Американец.

– Да ви кажам нешто, Хилари има искуство. Но, тоа е лошо, лошо искуство – врати Трамп.

За време на дебатата, Клинтон на ривалот му се обраќаше со „Доналд“, додека тој неа ја ословуваше „секретарка Клинтон“.

Анкетата на „Си-ен-ен“ направена по дебатата покажува дека 62 отсто од испитаниците мислеле дека Клинтон победила во споредба со 27 отсто, кои го доживеале Трамп како победник.

Деведесетминутната дебата се одржа на Универзитетот „Хофстра“ во Њујорк, а беше пренесувана од повеќе американски телевизиски станици, како и низ цел свет преку „Твитер“ и „Јутјуб“.

Двајцата американски претседателски кандидати, Хилари Клинтон и Доналд Трамп, уште двапати ќе се сретнат на ТВ-соочување пред одржувањето на изборите на 8 ноември.