Здружената опозиција нема да учествува на избори на 24 април

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев доби едногласна поддршка од коалициските партнери од здружената опозиција, по средбата во вторник вечер, каде е одлучено да не учествуваат на изборите на 24 април.

Image

На средба на претседателот Заев со коалициските партнери, присуствуваше и Стево Пендаровски, при што изразена била единственост во позициите за чекорите што се преземаат и ќе се преземаат во врска со политичката ситуација во земјава.

„СДСМ и коалициските партнери се одлучни за спроведување фер и демократски избори. Избирачкиот список мора да се прочисти. Мора да се обезбеди професионално известување на медиумите. Само такви избори се во интерес на граѓаните и на Македонија и само на такви избори ќе учествува опозицијата. За СДСМ и коалициските партнери не се прифатливи избори на 24 април. СДСМ и здружената опозиција нема да учествуваат на избори организирани на 24 април“, се вели во партиското соопштение.

За учеството на министрите и замениците министри на опозицијата во Владата констатирано е дека таа одлука е донесена од централните органи и тела на партиите од здружената опозиција, па најавија дека штом ќе одлучат, ќе соопштат во јавноста.