ИК на ВМРО-ДПМНЕ одлучи изборите да се одржат на 24 април

Извршниот комитет на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука предвремените парламентарни избори да се одржат на 24-ти април, согласно договорот од Пржино.

Image

Во моментот, во „Порта Македонија“, се одржува средба на политичките партии од кoалицијата „За подобра Македонија“.

Владејачката партија претходно соопшти дека партијата во целост ја прифаќа методологијата на ДИК за прочистување на Избирачкиот список.

„ДИК има законска надлежност, капацитет и целосна поддршка од државните институции да го прочисти Избирачкиот список и да ги преземе сите неопходни активности за спроведување на фер и демократски избори. ВМРО-ДПМНЕ ја охрабрува ДИК да работи согласно законот и да вложи максимални напори за исолнување на обврските за кои има доволно време, и сите институции да ги исполнат обврските за слободни, фер и демократски избори и градење на демократска атмосфера“, се вели во соопштението.

Дека Избирачкиот список може да биде прочистен пред изборите закажани за 24-ти април, потврди еврокомесарот Јоханес Хан, по неуспешната средба со претставниците на политичките партии во петокот во Скопје.

Еврокомесарот, во понеделникот пред почетокот на Советот за надворешни работи на Европската унија, рече дека „не секогаш партиите се држеле до датумот кога има одреден краен рок што е договорен, но на крајот сé е имплементирано”.

„Ќе биде одлично ако и изборите се спроведат во овој дух, каде сите ќе бидат посветени на тоа. Во секој случај, ги повикувам сите играчи во земјата да се држат до договорот од јуни и јули“, порача Хан.

Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, во изјава за МИА посочува дека е изводливо изборите да се одржат во Македонија според договореното на 24 април, но дека за тоа е потребен меѓупартиски договор, а Брисел сака единствено тие да бидат фер.

„Прво и основно, сите лидери мора да останат посветени на договорот од јуни/јули во сите негови делови. Напредокот во спроведувањето е од витално значење во контекст на многу внатрешни и надворешни предизвици со кои се соочува земјата, како и со миграцијата. Ние жалиме што не можеше да се постигне консензус за датумот на изборите во петокот минатата недела, и покрај советите на ОДИХР и на ОБСЕ дека договорениот датум во принцип е сé уште изводлив“, посочува Коцијанчич.