Интер го отпушти Манчини, на клупата доаѓа Франк де Бур

Роберто Манчини повеќе не е тренер на Интер откако раководството на клубот од Милано се договори со агентот на трофејниот стратег за раскин на договорот. Односите меѓу Манчини и екс-газдата Тохир беа затегнати веќе извесно време, а откако новите доминантни сопственици, претставниците на компанијата Сунинг, застанаа зад Тохир стана јасно дека за екс-стратегот на Фиорентина, Лацио и Манчестер сити ќе нема место на „Џузепе Меаца“.

tohir-i-mancini-615x400

Преговорите меѓу двете страни траеја неколку дена, откако по очајните игри на пријателските средби стана јасно дека Интер е далеку од посакуваната форма под водство на Манчини, за доцна вечерва да биде обелоденето дека договорот е раскинат.

Манчини нема да го води утринскиот тренинг на „нероаѕурите“, а се очекува во текот на утрешниот ден да биде промовиран и новиот тренер – Франк де Бур. Холандскиот стручњак имал средба со претставниците на Интер на која биле договорени условите за соработката, а како што јавуваат италијанските медиуми тој веќе се наоѓа во Милано и е подготвен за промоција на „Џузепе Меаца“. Де Бур ќе потпише тригодишен договор за плата од четири милиони евра по сезона, а се очекува да добие и 70 милиони евра за нови фудбалери, како и евентуалната сума што клубот би ја добил од продажбата на Мауро Икарди доколку голгетерот си замине од Интер.

ekipa.mk