Канада ќе прими 300.000 мигранти во 2017 година

Отава, 1 ноември, 2016 – 10:50 (META) 
john-mccallum-canada-860x680

Канада ќе прими 300.000 мигранти во 2017 година, соопшти министерот за имиграција на таа земја, Џон Мек-Келум. Планот за бројот на мигранти беше да достигне 260.000 до 2015 година, но границата беше поместена нагоре поради, како што изјави министерот, посебните околности кои се случија поради мигрантската криза во Сирија.

Поради тоа што Канада се соочува со стареење на нацијата, државата има потреба од прилив на мигранти, кои, меѓу другото, се очекува да го зголемат економскиот пораст на државата. Владиниот совет за економски пораст препорача горната граница за прием на мигранти да биде 450.000 лица.

„Толкав број мигранти во Канада може да биде достигнат подоцна, но тоа нема да се случи во 2017 година“, изјави министерот за имиграција, Џон Мек-Келум.

Канада има околу 35 милиони жители. Поради социо-економските околности со кои се соочува државата, политиката на примање мигранти наложува тие да бидат вешти работници и познавачи на економското работење.