Кинески ресторан им наплатил на гостите дишење чист воздух

Чистиот воздух во Кина доби своја цена. Имено, заради густиот смог што прекри делови од земјата, сопственик на ресторан во источниот кинески град Зангјиаганг набавил неколку апарати за филтрирање на воздухот и со секој оброк за дишење чист воздух наплатувал дополнително по еден јуан(околу 10 денари по човек).

Image

Гостите на ресторанот за дополнителната услуга дознале по ручекот, откако им била врачена сметката на која пишувало дека дишење чист воздух по лице се наплатува еден јуан, пишува South China Morning Post. Гостите се жалеле кај локалните власти кои на сопствениците на ресторанот веднаш им наредиле да ја укинат наплатата на дополнителниот трошок, бидејќи не е во согласност со законот.

Во објаснувањето пишува дека вдишувањето филтриран воздух во рестораните не е избор на гостите, заради што таа погодност не смее да се наплатува.

Приказната се појавила на социјалните мрежи, на кои поголем број од корисниците рекле дека на драга волја би платиле по еден јуан за полесно дишење.

Заради најголемото загадување на воздухот во историјата на кинеската престолнина, во Пекинг минатата недела е прогласена ‘црвена тревога’, најголем степен на загадување.