Круз го победи Трамп во Ајова, Клинтон и Сандерс изедначени

Тед Круз го победи фаворизираниот Доналд Трамп на првите партиски избори на републиканците за номинација на кандидат за претседател на САД одржани во Ајова, додека кај демократите Хилари Клинтон беше изедначена со ривалот Берни Сандерс.

Image

 

Според нецелосните резултати, на првото гласање во трката за Белата куќа, републиканците во Ајова, земјоделска држава на американскиот среден запад, му дадоа поддршка на ултраконзервативецот Круз, додека Трамп заврши на второто место, со само мала предност пред третиот ривал, сенаторот Марк Рубио.

 

„Ова е победа на храбрите конзервативци ширум Ајова и на оваа голема земја“, рече Круз, за кого гласаа 27,7 отсто приврзаници на Републиканската партија.

 

За Трамп кој доби одвај 24 отсто од гласовите, остварениот резултат го покренува прашањето дали неговиот настап на шоубизнисмен навистина може да го доведе до Вашингтон. Тој се обиде да го минимизира резултатот, изјавувајќи дека од почетокот немал шанси во Ајова.

 

„Сите ми велеа не оди во Ајова, не можеш да завршиш ниту првите десет, но јас реков морам да одам“, рече Трамп.

 

Во демократскиот табор, поранешната државна секретарка Клинтон освои 49,9 отсто од гласовите, а Сандерс 49,6 отсто.

 

„Во Ајова вечерва започна политичката револуција“, рече Сандерс, сенатор од Вермонд, кој себе се опишува како демократски социјалист.

 

Клинтон во Ајова сакаше да го избрише сеќавањето ба резултатот од 2008 година кога загуби од сегашниот претседател Барак Обама, но не успеа сосема во тоа.
За некои кандидати кои немаа многу изгледи, Ајова го означи крајот на патот. Републиканецот Мајк Хакаби најави дека ќе се повлече од трката, а извори блиски до демократскиот кандидат Мартин О’Мали рекоа дека и тој ќе го следи примерот на Хакаби.