Лоренцо ќе ја напушти Јамаха, се сели во Дукати

Актуелниот шампион во кралската класа, во Мото ГП шампионатот, Хорхе Лоренцо, по завршувањето на сезоната ќе ја напушти Јамаха и ќе се пресели во Дукати. Лоренцо со овој тим потпишал двегодишен договор.

Image

Лоренцо, во најсилната класа кариерата ја минува во Јамаха, со која освои три титули (2011, 2012, 2015). Покрај трите титули во кралската класа Шпанецот има и две титули во класата до 250 кубни сантиметри.

Со Јамаха Лоренцо има остварено 41 победа, на 141 трка, а вкупно 99 пати се искачувал на победничкиот пиедестал.

Шпекулациите дека Лоренцо ќе ја напушти Јамаха, започнаа на почетокот на сезоната кога тој одби да потпише нов договор со јапонскиот тим, за разлика од клупскиот колега Валентино Роси кој потпиша нов договор.

Откако стана јасно дека Лоренцо заминува, се очекува Јамаха да соопшти кој ќе му биде партнер на Роси наредната сезона. Медиумите лицитираат со возачот на Сузуки Маверик Вињалес, кој е под договор со овој тим, но Јамаха без проблем може да го плати обештетувањето.