Македонска експедиција го освои Килиманџаро

Експедиција составена од девет Македонци, пет планинари од Албанија, еден од Србија и еден од Австрија, организирана во рамките на Балканската Планинарска унија (БМУ) го освои највисокиот врв на континентот Африка – Ухуру (5.895 м) на планината Килиманџаро во Танзанија.

Image

Експедицијата на врвот се искачи на 20 јануари, а беше успешно предводена од Живко Темелкоски, додека трите највисоки точки на вулканскиот кратер ги искачија Иван Трпков и Виктор Калаузи од ПСК „Димитар Илиевски Мурато“ од Битола, Илија Белевски, Игор Стојковиќ, Димитар Малиновски и Александар Николовски од ПСК „Макпетрол“ од Скопје, Катица Борисовска од ПСК „Руен“ од Крива Паланка и Искра Лазарова од ПСК „Бистра“ од Скопје.

„Искачувањето траеше пет денови од кои четири беа во искачување и дел од четвртиот ден и петтиот ден во слегување. Подвигот е уште поголем заради тоа што временските услови беа неповолни и сите денови имаше пороен дожд во траење од повеќе часови, а над 5.000 метри искачувањето се одвиваше во зимски услови“, вели Иван Трпков, член на експедицијата.

Екипата успешно се врати во Македонија пред неколку денови.