Мај бил најтоплиот месец откако се мерат температурите

Изминатиот мај бил најтоплиот месец на планетата откако од 1880 година започнало мерењето на температурите, соопшти во четвртокот Американската агенција за океани и атмосфера (NOAA).

Image

Првите два годинешни пролетни месеца, април и мај, достигнале и невидено ниво во статистката за овој период од годината, надминувајќи го за 1,06 Целзиусови степени просекот за XX век кој изнесувал 13,3 степени и надминувајќи го за 0,22 степени претходниот рекорд регистриран минатата 2015 година, истакнува NOAA.

Во мај 2016 година просечната температура на површината на копното и океаните била за 0,8 Целзиусови степени повисока од просекот во минатиот век и изнесувала 14,7 степени, што е за 0,02 степени повеќе од претходниот рекорд за овој месец забележан во 2015-та.

На површината на копното просечната температура на планетата овој мај била за 1,17 степени над просекот за XX век од 11,1 степени, или трета највисока во статистиката, зад 2012 и 2015 година.

На океаните, пак, температурата во мај била за 0,76 степени повисока од просекот за минатиот век кој изнесува 16,2 степени, што го прави најтоплиот месец од 1880 до 2016 година, надминувајќи го за 0,05 степени претходниот рекорд за површината на светските води измерен во мај 2015 година.