Мерките на Обама за контрола на оружјето ќе предизвикаат политички и правни битки во САД

Американскиот претседател Барак Обама во текот на седмицава ќе предизвика политичка бура со заобиколување на Конгресот со своите нови мерки за заострување на прописите за огненото оружје, што веројатно ќе редифинира што значи да се биде продавач на оружје и ќе предизвика можни правни битки во текот на неговата последна година на должноста.

Image

Акциите на произведувачите на огнено оружје како „Smith & Wesson Holding Corp.“ и „Sturm Ruger &Co“ пораснаа за разлика од општиот пад на вредноста на берзите во понеделникот, во очекување на зголемување на продажбата на оружјето, што веќе се случуваше претходно кога Белата куќа ќе објавеше дека се размислува за реформи во продажбата на оружјето.

Претседателот Барак Обама во понеделникот имаше средба со главната државна обвинителка Лорета Линч за да разгледаат што може да се стори во тој поглед.

Незадоволен од недејствувањето на Конгресот во поглед на контролата на оружјето, Обама последните месеци побара од советниците да испитаат нови начини како може да ги искористи своите извршни овластувања за без согласност од Конгресот еднострано да ги заостри прописите за оружјето, особено по масовните убиства кои предизвикаа огорченост ширум САД.

Една од опциите е регулаторната промена, со којашто би се побарало повеќе трговци да добијат лиценца, мерка која би наметнала повеќе проверки на купувачите. Белата куќа го изнесе предлогот за тоа прашање, но беше загрижена дека би можел судски да биде оспорен, како и дека би било тешко да се спроведе.

Продажбата и поседувањето на огненото оружје е важно прашање во американската политика. Правото на носење оружје го штити американскиот устав и Вашингтон стравува и го почитува Националното здружение за огнено оружје (пушкарската унија), водечката американска група којашто се залага за правото на оружје, поради нејзината способност да ги мобилизира сопствениците на огнено оружје.

Американскиот Конгрес нема одобрено никаков поважен закон за контрола на оружјето од 1990-те.