Милевски со проверени сили против Шкотска и С. Ирска: Без Ангелов, но со Елмас во тимот

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за следните два натпревари од квалификациите за ЕП, против Шкотска и против Северна Ирска.

Makedonija-mlada-2-615x400

Милевски со проверени сили, очекувано без поголеми промени на списокот, на островјаните ќе им се спротистави главно со играчите на кои сметаше и досега во квалификацискиот циклус. Во тимот, во однос на претходните натпревари, сега ќе го нема офанзивецот Виктор Ангелов, а повик доби младиот фудбалер од средниот ред на Работнички, Елиф Елмас. Другиот избор е генерално истиот на кој претходно се потпираше македонскиот селектор.

Од 20 вкупно повикани репрезентативци, само седум се интернационалци, а 13 се од македонскиот шампионат што уште еднаш јасно го потврдува темелот на кој Милевски ја гради македонската фудбалска иднина.

Младата репрезентација на Македонија игра извонреден квалификациски циклус. По седум одиграни натпревари е на третата позиција на табелата во Групата 3 со 12 бода, колку што има и второпласираниот Исланд. На првото место е Франција со 14 бода. Овие два натпревари се клучните во нашата битка за место на една од првите две позиции, кои носат пласман на Европскиот шампионат.

Против Шкотска играме на гостински терен на 2. септември од 19:30 часот, а со Северна Ирска играме во Скопје на 6. септември од 18:45 часот.