Мужниекс: Унгарија би можела да ги депортира бегалците во Србија и Македонија

Комесарот за човекови права во Советот на Европа (СЕ), Нилс Мужниекс предупредил дека враќањето на мигрантите од Австрија во Унгарија, врз основа на Даблинскиот договор, би можело да доведе до сериозно кршење на човековите права и дека во тој случај унгарските власти бо можеле автоматски да ги депортираат бегалците во Србија, а потоа и во Македонија.

Image

По одлуките на властите во Будимпешта минатата година Србија да ја прогласат за „безбедна трета земја“, на мигрантите кои би биле вратени во Унгарија би им било оневозможено да поднесат барање за азил во оваа земја.

„Мигрантите би биле изложени на голем ризик од депортација во Србија и понатаму автоматско враќање во Македонија, што би било во спротивност со Европската конвенција за човекови права“, навел комесарот на СЕ во објавеното мислење за Европскиот суд за човекови права, по повод обвинувањата против Австрија поради враќањето на азилантите.

Мужниекс нагласил дека оваа одлука е во спротивност со мислењето на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) дека Србија сé уште нема развиен систем за азил, ниту капацитет одеднаш да прими голем број на бегалци. Тој истакнал и дека останатите членки на ЕУ не ја вбројувале Србија во листата на безбедни земји за барателите на азил, како и тоа дека унгарскиот Врховен суд усвоил одлука според која ќе ги почитува препораките на УНХЦР околу одлучувањето за тоа кои земји можат да се сметаат за безбедни земји.

„Во извештајот на Комитетот на УН против тортурата од јуни минатата година се изразува загриженост дека мигрантите кои ќе бидат вратени во Србија ќе бидат изложени на ризик од автоматско враќање во Македонија, која пак се соочува со сериозни проблеми во системот за азил и големиот број на мигранти кои доаѓаат во оваа земја од Грција. УНХЦР тогаш направи препорака земјите да се воздржат од враќање на мигрантите во Македонија, се до унапредувањето на системот за добивање на азил во земјата“, навел Мужниекс.

Според него, Унгарија намерно води рестриктивна политика кон мигрантите за да ги одврати од поднесување на азил во оваа земја.

„Законо за азил кој беше усвоен во септември минатата година и досегашната политика на унгарските власти кон мигрантите е во спротивност со стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човековите права“, заклучил Мужниекс, нагласувајќи дека голем број на мигранти, кои врз основа на Даблинскиот договор беа вратени во Унгарија, моментално се наоѓаат во притвор, и покрај апелите дека мигрантите не смеат да се третираат како криминалци.