Надградба на куќи со одобрение без промена на ДУП

Од сега, секој граѓанин ќе може да си ја надгрди својата куќа до максимална висина од 10 метри и 20 сантиметри, без да чека промена на Деталниот урбанистички план (ДУП) со што би се предвидела оваа висина за објектите.

 Image (12)

Ова се овозможи со измените на Законот за градење што Собранието ги донесе на седницата во вторник, а за кои во среда информираше министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Појасни дека мерката се однесува за куќи што се веќе изградени со одобрение за градење или се легализирани со Законoт за легализација на бесправно изградените објекти.

„Доколку имате куќа и сакате да вршите надградба, прво од општината мора да поднесете барање за одобрение за градење се разбира со претходно изработен проект за градба. Без разлика дали надградбата на вашиот објект е предвидена во урбанистичката планска документација, општината по сила на закон мора да ви издаде одобрение за градење и да дозволи да го надградите својот објект. До сега ако сакавте да доградувате во висина постоеше услов, надградбата мораше да биде предвидена во планската документација за да може општината да ви издаде одобрение за градење“, рече Мисајловски.

Секако, овде не станува збор за доградба на објектот, бидејќи тогаш ќе се бара измена на план и се менува градежната парцела, туку само за надградба на куќа до 10 метри и 20 сантиметри висина, односно приземје, два ката и поткровје.

Мисајловски додаде дека овие измени Министерството за транпорт и врски ги направи во соработка со општините, а водејќи се од потребата за раст на градежништвото и од барањата на граѓаните.

„Со законот на секој ќе му биде овозможено да надгради и да бидат рамноправи сите граѓани затоа што сега во некои општини може да се направи тоа, а во некои не. Со оваа мерка секој ќе може да надгради, доколку сака доградување ќе мора да чека да се смени планот“, рече Мисајловски и додаде дека со оваа мерка ќе може и директно да се аплицира и за проектот „Купи куќа за млади“.

макфакс