Намалени суспензиите на Блатер и Платини

Апелациониот комитет на ФИФА им ги намали казните на доскорешниот претседател на оваа организација, Сеп Блатер и на претседателот на УЕФА, Мишел Платини.

Image

Првичните осумгодишни суспензии за работа во фудбалот, Апелациониот комитет на ФИФА на двајцата високи функционери им ги намали на шест години.

Челниците на двете најголеми фудбалски организиции, кон крајот на минатата година беа суспендирани поради „нелојална исплата“ од два милиони долари. Оваа сума на пари 79-годишниот Блатер, во 2011 година, му ја исплатил на Платини за консултаски работи извршени во периодот од 1998 до 2002 година.

ФИФА, во своето соопштение наведува дека активностите во фудбалот, кои Блатер и Платини ги имале во изминатите години, заслужиле соодветно признание и дека тоа е олеснителна околност во овој случај.

Блатер и Платини имаат право оваа одлука да ја обжалат во судот за Спортска арбитража во Лозана.

Инаку, изборите на кои ќе се бира наследникот на Сеп Блатер на чело на ФИФА, ќе се одржат в петок во Швајцарија.