Четири натпревари се одиграа во НБА лигата во ноќта помеѓу неделата и понеделникот и на сите славеа тимовите кои играа на домашен терен. Најнеизвесно беше во Оклахома каде домашниот тим предводен од Кевин Дурент, по едно продолжение, славеше над Јута (104:98).
Кевин Дурент го одигра најлошото прво полувреме во кариерата, во кое постигна само два поени, а неговиот тим постигна само 38 поени. Но во вториот дел Дурент уфрли 29 поени, Оклахома ја надополни негативата од 16 поени избори продолжение и на крајот запиша победа.
Дурент постигна 31 поен, на кои придодаде пет скока и шест асистенции, а Расел Вeстбрук имаше учинок од 25 поени, пет скока и 11 асистенции.
Јута во продолжението поентираше само еднаш и тоа на осум секунди до крајот. Родни Худ со 23, Гордон Хејвард со 22 и Алек Брукс со 21 поен беа најефикасни во тимот од Солт Лејк Сити.
Двејн Вејд блесна во финишот на мечот Мајами-Мемфис (100:97), тој ја предводеше серијата од 11:0 со која Мајами стигна до победата.
Вејд мечот го заврши со 14 поени, додека најефикасен кај тимот од Флорида беше Крис Бош со 22 поени. Џеф Грин со 26 кошеви беше најефикасниот играч на Мемфис.
Демар Дерозан постигна 25, а Луис Скола 22 поени во убедливата победа на Торонто над Филаделфија (96:76).
Феникс славеше над Минесота со 108:101. Брендан Најт уфрли 25, а Ерик Бледсо поен помалку кај победникот, додека Зек Лавин со 28 поени ја предводеше Минесота која го забележа шестиот пораз на последните седум натпревари.