НБА: Клиперси со пресврт до триумф над Оклахома

Изминатата ноќ на терените во НБА лигата се одиграа единаесет натпревари, на кои осум победи забележаа тимовите кои играа на домашен паркет. Најмногу возбудувања имаше на дербито помеѓу Клиперси и Оклахома, Сан Антонио е вториот тим, по Голден Стејт, кој веќе обезбеди настап во плејофот, а индивидуално блескаше Џејмс Харден кој постигна 39 поени.

Image

Клиперси и Оклахома до крајот на регуларниот дел од сезоната ќе се борат за третата позиција во Западната конференција. Клиперси имаат скор 40-20, а Оклахома 42-19.

Оклахома, предводена од Дурент (30 поени, 11 скокови, 5 асистенции, 5 блокади) и Расел Вестбрук (24 поени, 12 асистенции, 6 скока), во Лос Анџелес во еден момент имаше предност против Клиперси од 22 поени, а во последните осум минути и плус од 16 поени, но Клиперси со неверојанта серија 26:5, на крајот славеа со 103:98.

Најдобри кај Клиперси беа Крис Пол (21 поен, 13 асистенции) и Деандре Џордан (20 поени, 18 скокови).

Сан Антонио 19-та сезона во низа избори учество во плејофот, а против Детроит Спарси ја забележаа 29-та последовна победа на домашен терен.

Спарси го совладаа Детроит со 97:81, а половина од поените ги постигнаа двајца играчи: Кавај Ленард (27 поени, 6 скока, 5 асистенции) и Ламаркус Олдриџ (23 поени, 10 скока).

Хјустон славеше на дуелот со Њу Орлеанс 100:95. Блескаше на овој натпревар Џејмс Харден (39 поени, 12 асистенции, 7 скока, 4 украдени топки).

Кемба Вокер постигна 30 поени во триумфот на Шарлот во Филаделфија (119:99), а Мемфис благодарение на Мајкл Конли (24 поени) и Зек Рендолф (19 поени) славеше над Сакраменто (104:98).

Индијана победи во Милвоки 104:99, благодарение на играчите од клупата. Џордан Хил постигна 19, а Родни Стаки 15 поени. Вашингтон во Минеаполис ја забележа четвртата победа во низа, до победата од 104:98 над Минесота, тимот од главниот американски град го предводеа Бредли Бил со 26 и Алан Андерсон со 18 поени.

Орландо му го наненсе четвртиот пораз во серија на Чикаго. До победата 102:89, Магичните ги предводеше балкасното дуо: Никола Вучевиќ (24 поени) и Марио Хезоња (21 поен).

Бостон го декласираше Портланд (116:93), блескаше Ајзеа Томас со 30 поени, додека двоецот Кајл Лаури (32 поени) и Демар Дерозан (31 поен) го предводеше Торонто до победата на Јута 104:94.