НБА: Нов рекорд на Кари, порази на СА и Кливленд

Нов рекорд на Стеф Кари во 56-та сезонска победа на Голден Стеј, односно поразите на Кливленд и Сан Антонио, ја обележаа изминатата ноќ во НБА лигата.

Image

Бранителите на титулата бргу се вратија по изненадувачкиот пораз од Лејкерси и на домашен терен славеа против Орландо 119:113. Голден Стејт го подобри рекордот на франшизата, триумфот над Орландо беше 45-ти во низа на домашен терен.

Мечот мина во знакот на Стеф Кари кој имаше учинок од 41 поен (6/12 за два, 5/11 за три) и 13 скокови. Воедно Кари ја постигна 300-та тројка во сезоната. Партнерот на Кари од бековската линија, Клеј Томпсон натпреварот го заврши со 27 поени.

Кај гостите од Флорида, тројца играчи (Фурније, Џенингс и Гордон) постигнаа по 20 поени.

Кливленд изненадувачки загуби од Мемфис, кој на овој меч играше без речиси комплетната стартна постава. Тони Ален одигра еден од своите најдобри мечеви во кариерата и со 26 поени го предводеше Мемфис до триумфот 106:103. Кај Кливленд Леброн Џејмс постигна 28, а Кајри Ирвинг 27 поени.

Индијана го победи Сан Антонио 99:91. Монта Елис со 26 и Пол Џорџ со 23 поени ги предводеа Пејсерси до 34-от триумф во сезоната, додека кај Сан Антонио кои го забележа десеттиот пораз во првенството по 23 кошеви постигнаа Кавај Ленард и Ламаркус Олдриџ.

На преостанатите четири натпревари, Кемба Вокер постигна 34 поени во победата на Шарлот над Минесота 108:103, Чикаго без Џими Батлер славеше над Милвоки 100:90,  Њу Орлеанс триумфираа против Сакраменто 115:112, а ЛА Клиперси предводени од Крис Пол (27 поени) и Деандре Џордан (23 поени, 20 скокови) го декласираа Далас 109:90.