НБА: ’Револверашка’ пресметка Кари-Харден

Пет натпревари се одиграа во НБА лигата, ноќта помеѓу вторникот и средата. Јута слаеше над Далас, по едно продолжение, Милвоки со поени во последната секунда го совлада Бостон, Голден Стејт ја запиша 42-та последовна победа на домашен терен, новиот тренер на Њујорк, Курт Рембис дебитираше со пораз, а Сан Антонио славеше во Мајами, чии стартен центар Хасан Вајтсајд беше исклучен поради удирање на противнички играч.

Image

’Револверашката’ пресметка на Стеф Кари и Џејмс Харден му припадна на играчот на Хјустон, но Голден Стејт триумфираше со 123:110. Хјустон го забележа осмиот пораз во низа во дуелите со Голден Стејт. Актуелниот шампион ја забележа 42-та последовна победа пред своите навивачи.

Кари го предводеше Голден Стејт со 35 поени, шест скока и девет асистенции, додека Харден имаше учинок од 37 поени и по пет скока и асистенции. Покрај Кари уште четворица играчи на Голден Стејт постигнаа двоцифрен број на поени.

Сан Антонио победи во Мајами (119:101), а Хасан Вајтсајд пред време го заврши мечот, откако намерно го удри противничкиот центар Бобан Марјановиќ.

Ламаркус Олдриџ со 28 и Кави Ленард со 23 поени ги предводеа Спарси, а Марјановиќ имаше учинок од 11 поени и шест скока. Кај Мајами се истакна Двејн Вејд со 20 поени. На Вејд му недостигаат уште 252 поени за да стигне до бројката од 20.000 поени во кариерата, што досега им успеало на 40 кошаркари.

Јута го надигра Далас (121:119), откако најпрвин со тројката на Родни Худ избори продолжение, а потоа Городн Хејвурд, во последните секунди од продолжението постигна тројка за победа. Худ мечот го заврши со 29, а Хејворд со 20 поени. Кај Далас најефикасни беа Чендлер Парсонс со 24 и Дерон Вилијамс со 23 поени.

Њујорк, со новиот тренер Курт Рембис, загуби од Вашингтон (108:111). Блескаше во тимот на Вашингтон Џон Вол со 28 поени и 17 асистенции, а одличен меч одигра и Бредли Бил кој постигна 26 поени. Њујорк го предводеше Кармело Ентони со 33 поени и 13 скокови.

Крис Мидлтон ги погоди слободните фрлања на 0,6 секунди до крајот на мечот со Бостон, со кои му ја донесе победата на Милвоки (112:111). Милвоки ја прекина серијата од пет порази, додека Бостон го забележа првиот пораз по серијата од четири триумфи.

Милвоки го предводеше Грег Монро со 29 поени и 12 скокови, а уште четворица играчи постигнаа двоцифрен број на поени.