НБА: Томпсон и Грин го декласираа Њујорк

ЛА Клипреси славеа во дербито против Чикаго, Голден Стејт се прошета низ Њујорк, а победи во НБА лигата изминатата ноќ забележаа уште Далас, Портланд, Шарлот и Орландо.

Image

Кошаркарите на Голден Стејт, во Њујорк, ја одиграа најлошата четвртина во сезоната, во која постигнаа само 18 поени, но играта во второто полувреме им донесе убедлива победа над Никс 116:95.

Стеф Кари, повторно ‘одмораше’, мечот го заврши со 13 поени, но блескаа Клеј Томпсон со 34 поени (5/6 за три) и Дрејмонд Грин кој забележа ‘трипл дабл’ од 20 поени и по 10 скокови и асистенции.

Њујорк го предводеше Кармело Ентони со 24 поени и 10 скокови.

Клиперси го декласираа Чикаго 120:93. Најдобар кај победникот беше поранешниот играч на Чикаго, Џамал Крафорд со 26 поени, Џеј Џеј Редик постигна 21, а Деандре Џордан заврши со 17 поени и 20 скокови.

Џими Батлер со 23 поени, односно Дерик Роуз со 20 кошеви и пет скока го предводеа Чикаго.

Мајами славеше над Атланта 105:87 и ја забележа четвртата победа во низа, Коби Брајант постигна 23 поени, но Лејкерси загубија од Шарлот 82:101, Орландо го победи Бостон 119:114, а Далас го надигра Феникс 91:78.