Неколку семејства надвор на студот, се навали кранот на новата зграда кај Стара Рампа

Неколку семејства од куќите во близина на новата зграда „Флет ајрон“ којашто ја гради „Адора инженеринг“ се надвор, бидејќи кран се навалил и можно е да падне врз нивните куќи.

Image

Кранот се навалил околу четири часот, во вторник, и дел од работниците ги алармирале семејствата кои живеат во куќите да излезат бидејќи не е безбедно.

Луѓето кои живеат во куќите се револтирани бидејќи заедно со нивните деца морале да излезат од сопствените куќи и да се смрзнуваат на студот. Некои од нив ги засолниле децата во своите автомобили за да седат на топло.


Тие се жалат, дека од кога почнала да се гради зградата многу често им снемува струја, а кранот бил секогаш завртен кон нивните куќи и дека очекувале во секој момент да падне врз нив.

Работниците кои беа останати, не сакаа новинарски екипи, ниту да фотографираат, ниту да се приближуваат до објектот којшто е во изградба, а не кажаа ниту како се случило кранот да се навали.

„Дерман немаме, секоја сабота и недела се работи. Никој од одговорните нема дојдено, работниците си заминаа. Не знаеме ни до кога ќе чекаме надвор“, се жалеа луѓето.

Додека разговаравме со нив, дојде одговорно лице од фирмата која го изнајмила кранот на користење и рече дека ситуацијата веднаш ќе се реши и дека кранот ќе се размонтира.Тој ги смируваше луѓето дека најлошото било избегнато, немало повредени работници, иако како што раскажуваа граѓаните за малку била избегната несреќа со работник.


„Ќе се среди се. Ќе се организираме, ќе се растури кранот и ќе биде се како што треба. Ќе дојдат други дигалки се ќе биде средно“, рече човекот кој не го кажа своето име и презиме.

Висококатница по урнекот на позната зграда „Флетајрон“ во Њујорк се гради на влезот на Кисела Вода, на местото на поранешната фабрика „Цветан Димов“ од летото, а на Илинден беше официјално означен почетокот.

Зградата е со висина од 54 метри, ќе има 16 ката, три влеза и седум лифтови. Во неа ќе има 279 станови со површина од 31 до 119 м2 и луксузен апартман на врвот од 260 м2, со фантастичен поглед на Скопје, на порта „Македонија“ и градскиот плоштад.

Во приземјето и мезанинот ќе има 29 деловни простории со површина од 45 до 1.770 м2. Објектот има 350 сопствени паркиралишта, најголемиот дел на три подземни нивоа.
Објектот се гради на површина од 4.412 м2, купени за речиси 3.000.000 евра, а во зградата ќе бидт вградени 25.000 м3 бетон и 2.500 тони железо.

Објектот ќе ја има потребната асеизмичка стабилност, стандардизиран европски квалитет, А-енергетска класа, а ќе понуди одлични услови за домување.