Обвинителството одби кривично да го гони Бил Козби

Окружната обвинителка на Лос Анџелес одби да подигне обвинение против 78-годишниот комичар Бил Козби врз основа на тврдењето на две жени кои го обвинуваат за сексуално злоставување во одвоени случаи, едниот од 1965 а другиот од 2008 година, соопшти обвинителството во средата.

Image

Постојат преседани кои го оневозможуваат неговото кривично гонење, соопшти канцеларијата на окружната обвинителка Џеки Лејси.

Оваа одлука следи една седмица откако Бил Козби беше обвинет во сојузната држава Пенсилванија за сексуално напаствување над сега 42-годишната Андреа Костанд, поранешна соработничка на универзитетот Темпл во Филаделфија, откако ја дрогирал во 2004 година. Тоа е единствената тужба покрената против него, иако педесетина жени во јавноста го обвинија дека на ист начин сексуално ги искористил.

„Задоволни сме што канцеларијата на окружната обвинителка во Лос Анџелес во целост и чесно ги разгледа сите факти и докази, и дојде до исправен заклучок“, изјави адвокатскиот тим на комичарот.

Бил Козби, кој со години ја толкуваше улогата на идеален татко во популарната телевизиска серија „Cosby Show“, ги негира сите наводи на педесетина жени кои во последната година го обвинуваат дека ги дрогирал и сексуално ги злоставувал. Некои од тие случаи се одиграле во 1960-те, и многу од нив се застарени.