Оклахома во финалето на Западот

Кошаркарите на Оклахома ќе му се спротивставаат на актуелниот шампион Голден Стејт во финалето на Западната конференција, во НБА лигата, откако во полуфиналната серија против Сан Антонио ја решија со 4-2.

Image (3)

Оклахома, по направениот брејк во петтиот меч, максимално ја искористи предноста на домашниот терен во шестиот натпревар, во кој убедливо победи со 113:99. Спарси подобро започнаа поведоа со 13:19 и тука застанаа. Во наредните 16 минути Оклахома направи серија 42:12 со која го реши победникот, иако Спарси во последните три минути стигнаа до негатива од 11 кошеви.

Вообичаено ефикасниот тандем Вестбрук-Дурент, надополнети со одлични партии на уште неколкумина играчи, како и добрата одбрана ја однесоа Оклахома во финалето.

Сепак Сан Антонио серијата ја загуби поради лошите натпревари кои ги играше како домаќин. Спарси во регуларниот дел од сезоната загубија само еднаш пред своите навивачи, а Оклахома во плејофот успеа два пати да слави во Сан Антонио.

Најефикасен на мечот беше Дурент со 39 поени, а Вестбрук имаше учинок од 28 поени и 12 асистенции.

На овие двајца им се приклучија Стивен Адамс (15 поени, 11 скокови), Серж Ибака (8 поени, 10 скокови, 3 блокади), односно Андре Роберсон, кој постигна две тројки во клучната серија на Оклахома, а мечот го заврши со 14 поени, седум скокови и две блокади.

Ленард го предводеше Сан Антонио со 22 поени, девет скокови, пет асистенции и три украдени топки, ветеранот Данкан постигна 19 поени, додека Олдриџ забележа 18 поени и 14 скокови.

Финалната серија на Западот помеѓу Голден Стејт и Оклахома ќе започне в понеделник во Оукленд.

макфакс