Фер и регуларни избори се императив за државата, а тоа може да се случи само со навремено прочистување на Избирачкиот список и навремена регулација на медиумите, истакна челникот на СДСМ, Зоран Заев, откако претходно во средата доцна вечерта Централниот одбор на најголемата опозициска партија донел едногласна одлука дека партијата нема да учествува на избори доколку тие се одржат на 24-ти април.
Како што рече Заев, опозицијата „дава шанса“ до пред распуштањето на парламентот, на 24-ти февруари, да се изменат одлуките за датумот на изборите – 24-ти април, договорен според договорот од Пржино од ланското лето, според СДСМ, за да може да се исполнат условите за фер избори. Дотогаш, појасни Заев, во составот на Владата остануваат и министрите од редовите на социјалдеморкатите, а доколку не биде поместен датумот за изборите, тие дополнително ќе одлучуваат за натамошните чекори.
„Заклучоците коишто ги донесовме на Централниот одбор по дебатата се следните: фер, регуларни и демократски избори за Македонија се императив, а не датумот за изборите. На Македонија не ѝ требаат уште едни нерегуларни избори. Затоа, менувањето на датумот на изборите не е желба на опозицијата, туку потреба за целосна реализација на Договорот од Пржино. Квалитетна и кредибилна проверка на избирачкиот список не може да се направи за 40 дена, а без кредибилен и веродостоен избирачки список нема регуларни избори. Нема фер и демократски избори без регулација на медиумите и создавање фер медиумски простор за сите политички партии со навремен ефект пред изборите“, истакна Заев.
Додаде дека неговата партијата била пред две можности: или да ги напушти државните институции или, пак, да даде шансата да се коригира одлуката за датумот на изборите.
„Остануваме посветени на тоа Договорот од Пржино да се исполни во целост. Ние нема да бидеме причина за кршење на договорот. До пред распуштањето на парламентот даваме шанса да се коригираат одлуките за датумот на изборите, за да може да се исполнат условите за фер, демократски и регуларни избори“, порача лидерот на СДСМ.
Коменетирајќи ја изјавата од средата на американскиот амбасадор Џес Бејли, кој ги повика сите партии да учествуваат на избори, Заев рече дека оваа порака „што е пренесена е јасна“, како и дека освен СДСМ и многу други партии најавиле бојкот, и оти без учество на сите партии не може да се организираат избори.
Заев одби да одговори на новинарскo барање да ја коментира седницата на Советот на јавни обвинители на која во четврток на дневен ред е работата на Специјалната обвинителка Катица Јанева
Во врска со наводно меѓународниот притисок кој го најавуваат дел од медиумите, Заеве изјави дека СДСМ и меѓународниот фактор „имаат иста цел, избори признаени од сите, и на кои сите ќе учествуваат“