Обемното истражување на американските научници покажало дека ризикот од заболување на ракот на дојката кај жените кои како тинејџерки во исхраната внесувале продукти богати со растителни влакна, како што се овошните и зеленчуковите плодови, е помал за 24 отсто, пишува порталот LiveScience.
Првпат врз основа на толку обемно истражување втемелено на податоците собирани 20 години, утврдено е дека изгледите дека кај девојчиња и адолесцентки кои на возраст меѓу 12 и 19 години консумирале поголеми количества продукти со растителни влакна, особено овошје и зеленчук, во подоцната животна возраст развиваат рак на дојката за 24 отсто помалку во однос на оние чијашто исхрана била сиромашна со влакнести продукти.
„Резултатите од истражувањето би требало да ги поттикнат тинејџерките исхраната да ја збогатат со овошје и зеленчук“, советуваат експертите со појаснување дека станува збор за ефектот на влакната врз нивото на естрогенот во организмот на жената. Во периодот на перименопаузата, во текот на кој женското тело врши природна транзиција кон трајната неплодност или мено паузата, нивото на естроген забрзано се намалува, што влијае врз потенцијалниот развој на карциномот на дојката.
Истражувањето, во коешто особено се фокусирале на адолесцентскиот период, го спровеле Мријам Фарвид и нејзините колеги од школата Чан за јавно здравје при универзитетот Харвард. Во периодот од 1991 до 2011 година ги следеле податоците за повеќе од 90.500 жени на возраст меѓу 27 и 44 години. Испитаниците на прашалникот за прехранбените навики одговарале на секои четири години, а научниците се концентрирале особено на периодот кога оделе во средно училиште. Податоците ги заокружиле со информацијата за телесната маса, семејната анамнеза кога станува збор за ракот на дојката, ја земале предвид расата, податоците за менструалниот циклус, консумирањето алкохол и многубројни други податоци.
Храна богата со растителни влакна се мешунките, особено црвениот грав, грашок и леќа, целите зрна од житарки, овошјето и зелениот зеленчук, како спанаќ, зелена салата и брокула….