Сите училишта во Лос Анџелес се затворени во вторникот поради дојава за закана упатена преку електронска пошта, и е наредено пребарување на сите училишни згради на територијата на градот.
Локалните власти побараа 643.000 ученици да останат дома, за да бидат темелно пребарани повеќе од 1.200 основни и средни училишта.
Заканата до властите е упатена неполни две седмици по убиството на 14 луѓе во Сан Бернардино, околу 100 километри источно од Лос Анџелес, кое го изврши радикализирана млада муслиманска брачна двојка, мотивирана од терористичката група којашто се нарекува Исламска држава.
Според претходно објавените сознанија на истрагата, сопружниците пред нападот вежбале гаѓање во стрелана во реонот на Лос Анџелес.
Рамон Кортес, задолжен за севкупниот образовен систем во округот Лос Анџелес, изјави дека „нема да ризикува и да дозволи децата да влезат во која и да е зграда (училиште), сé додека не бидат сигурни“, откако примил закана „не за едно училиште, не за две или три, туку за многу“.
Истрагата ја водат полицијата на Лос Анџелес и Федералното биро за истраги (FBI) по споменатата закана упатена преку електронска пошта.