„Прасето кое сакаше да биде птица“ меѓу трите најдобри за УНЕСКО наградата

Македонскиот цртан филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ е вброен меѓу трите најдобри во светот на најпрестижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „Prix Jeunesse International“, за наградата која ја промовира УНЕСКО.

Image (1)

УНЕСКО гo објави најтесниот круг и најдобрите три програми кои ќе се борат наградата за 2015/2016. Наградата се доделува за детски телевизиски програми кои промовираат разбирање и толеранција на различните култури, овојпат со акцент на интраперсоналните, внатрешните борби кои ги водат децата во себе секојдневно.

Следната среда, 25-ти мај, во Минхен од 20 часот со пренос на националната телевизија ZDF Германија, ќе се одржи свечената прослава на која ќе биде прогласен победникот од оваа најтесна селекција, со што УНЕСКО ги поттикнува продукциите и телевизиите ширум светот во своите програми да промовираат вредности кај децата.

Цртаниот филм го создаде креативниот тим на „ОХО“. Продуцент е Пеце Талески, сценариото и режијата е на Елеонора Венинова, а анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски. Илустрациите се на Тхе Мичо, а музиката е на Мите Димовски.
Фестивалот „Prix Jeunesse International“ или Оскарите за детска ТВ продукција, како што го нарекуваат во светот, се одржува 50 години во Минхен. Последните десет години, Македонија преку „ОХО“ е единствениот финалист од Балканот во која било од шестте категории.

Во изборот на финалистите учествуваа претставници на најпрестижните светски медиуми од ББС, ЗДФ, како и Австралиската телевизиска фондација, продуценти на големи продукции и анимациски студија како Ва Да Да, Зумабстицо од Чиле, Ок Манки од Данска… Досега во финалисти биле и популарните детски програми: „Маша и Медо“, „Улицата Сезам“, „Графало“, „Телетабиси“, „Дора истражува“…

„Прасето кое сакаше да биде птица“ досега беше емитуван на повеќе домашни и светски фестивали, како „Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореја.

макфакс