Проблеми за двете селекции: Нашите останаа во Скадар, Албанците се преселија во Бушат

Силното невреме и прекинатиот квалификациски натпревар од Групата Г за пласман на СП 2018, донесе сериозни проблеми за фудбалските федерации на двете земји, кои непланирано се најдоа во трка за дополнителни ангажмани околу организација на сместување, летови и транспорт за плус уште еден ден.

ciric-i-pandev-615x400

Најсериозен проблем за македонските репрезентативци беа веќе резервираните летови за враќање во своите клубови, кои се одложени за денеска во попладневните часови и за во текот на утрешниот ден. Сепак, сето тоа административно е решено, и околу продолжување на дозволите за останување во репрезентативните редови. ФФМ навремено реагираше и околу продолжувањето на сместувањето, па во мирна атмосфера фудбалерите останаа во својот хотел во Скадар во очекување на денешното доигрување на средбата.

За разлика од Македонците, пак, од Албанската фудбалска федерација беа принудени да го напуштат Скадар доцна синоќа. Поради веќе нови резервации во хотелот каде биле сместени албанските репрезентативци, а преполни останати хотелски капацитет во Скадар, домаќините доцна синоќа се преселиле во селото Бушат во близина на Скадар, од каде ќе го очекуваат денешниот дуел. Тоа, како што пренесуваат албанските медиуми, наишло на мал револт меѓу албанските репрезентативци кои, во секој случај, по вечерата на стадионот „Лоро Боричи“, биле принудени да заминат за Бушат.

Натпреварот меѓу Албанија и Македонија од првото коло во квалификациите за СП 2018 во Русија беше прекинат во 75. минута, при резултат 1-1, поради силно невреме кое го зафати Скадар. Дуелот ќе се доигра денеска од 14 часот, исто така на стадионот „Лоро Боричи“.

ekipa.mk