Продолжува судењето за „Дива населба“, адвокатите најавија бојкот ако нема услови во Судот

Судењето за случајот „Дива населба“ продолжува во вторник во 10 часот, а адвокатите на обвинетите најавија дека ќе го бојкотираат рочиштето ако Основниот суд Скопје 1 не обезбеди услови за, како што велат, фер и коректно судење.

Image

Тие бараат во судницата да има присутен најмалку по еден роднина на обвинетите, а во суницата да присуствуваат и новинарите кои судењето го следат во посебна сала во Судот преку видео врска.

На минатото рочиште адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи и уште двајца негови колеги не се вратија по паузата што ја даде судијката, револтирани бидејќи во судницата нема место за роднините на обвинетите.

Судот ги казни тројцата адвокати, Насер Рауфи и Бујар Дардишта и Мефаил Арслани со по 1.200 евра казна заради навреда на Судот и нарушување на редот во судницата.

Рауфи и Дардишта ќе треба да ги надоместат и трошоците во постапката, а Арслани не е задолжен да ги плати трошоците, бидејќи имал замена на судењето.

Адвокатот на еден од обвинетите, Љупчо Веселиновски најави дека сите адвокати ќе го бојкотираат наредното рочиште доколку судот не ги обезбедите условите коишто ги бараат.

Судењето за овој случај во којшто има 29 обвинети, првите две рочишта се одржа во големата сала на Врховниот суд, но потоа беше префрлено во најголемата судница во Основниот суд Скопје 1, со изговор дека салата во Врховниот суд се реновира.

Но, во оваа судница, има место само за обвинетите и нивните адвокати.

Судијката во овој случај рече дека Судот ја поседува само таа поголема судница и според неа обезбедени се можности за присуство на сите обвинети, а секако според можностите, на судењето присуствуваат и дел од роднините.

Судот во соопштение до јавноста вели дека судот ги направил сите напори да ги обезбеди сите неопходни услови за водење на постапката пред сѐ имајќи ги во прв план правата на странките во постапката и нивната безбедност.

„Роднините на обвинетите кои немаа можност да влезат на судењето потребно е да се знае дека имаат право во секое време да ги посетат обвинетите во установите каде ја издржуваат мерката притвор, и судот им ги обезбедува сите неопходни дозволи, а што се однесува до присуство на судењето, Законот за кривична постапка не предвидува дека судот мора да им дозволи на роднините да присуствуваат на судењето, а како јавност во постапка се подразбираат сите лица кои транспарентно и непристрасно ќе ги следат и пренесат случувањата во судницата“, соопштија од Судот.

Министерот за правда, Аднан Јашари испратил писмо до Врховниот суд со барање да ја отстапи големата сала, но одговор не добил. Според него, решение за ваквите проблеми ќе биде отврањето на новата зграда на Судот и според него тоа зависело од претседателот на Кривичниот суд.