Протест против влегувањето на Црна Гора во НАТО

Најмалку пет илјади луѓе според оцените на организаторите а околу 1.500 според црногорската полиција протестираа во саботата во главниот град Подгорица против вклучувањето на Црна Гора во НАТО, кои се одржаа во организација на невладини организации и на опозицискиот сојуз Демократски фронт, односно движењето Нова српска демократска партија.
Image

На протестот присутни беа и челниците на Српската православна црква во Црна Гора, како и Момир Булатовиќ, претседателот на поранешната Сојузна Република Југославија, пренесуваат подгоричките медиуми.

Опозицискиот Демократски фронт претходно и повика сите свои членки и сите позициски партии, и невладини организации да протестираат против поканата Црна Гора да се придружи во НАТО. Но провладините црногорски медиуми тврдат дека најголемиот дел од партиите не се одѕвале на повикот.

Движењето за промени (ПзП) на Небојша Медојевиќ, која е втора партија во Демократскиот фронт не учествуваше на протестот, но побара од власта да организира референдум за вклучувањето на земјата во НАТО.

„Непритафливо е за нас, по сé  што ни се случи, да бидеме во НАТО и бараме ова прашање да се реши на референдум за граѓаните да го дадат својто збор.  Доколку се избегнува референдумот и има обид да се донесе лажна одлука (за членството во НАТО) во парламентот, Црна Гора ќе биде доведена на работ од граѓански конфликт“, изјави челникот на проруската опозициска Нова српска демократска партија, Андрија Мандиќ обраќајќи се пред учесниците на протестот.

„Убедени сме дека граѓаните ќе го одбијат повикот на 28-те држави на НАТО и дека ќе им кажеме дека нема да го менуваме нашиот цивилизациски круг“, рече Мандиќ.

„Не за војната – не за НАТО“, пишуваше на плакатите истакнати на протестот. „НАТО – убијци“, извикуваа демонстрантите за време на протестот на кој повеќето носеа свеќи во спомен на жртвите од бомбардирањето на НАТО на тогашната СРЈ во 1999 година.

Поранешниот претседател на Црна Гора и на поранешната СРЈ, Момир Булатовиќ, изјави дека на протестот го донеле „сенките на 1.500 припадници на Војската на Југосалвија кои загинаа бранејќи ја оваа земја и на повеќе од 500-те цивилни жртви. За НАТО Булатовиќ рече дека е „здружение на крадци, не само убијци“, и ги повика сонародниците да не „учествуваат во судирот на НАТО со Русија“.

Челникот на здружените од борците од 1990-те Радан Николиќ изјави дека „Хрватска има претензии кон Бока Которска и дека ја окупирала Превлака“, повикувајќи ги присутните да ѝ скандираат на Русија која е „противник на американскиот империјализам“.