„Пуч“ повторно се одложи дури за 2 март

Судското рочиште за случајот „Пуч“ повторно се одложи на барање на Специјалното јавно обвинителство кое од минатото рочиште го презеде случајот.

Image

Во судницата се појави специјалната јавна овбвинителка Катица Јанева со обвинитеката Ленче Ристова и побараа судењето да биде одложено, за тимски да направат увид во доказите.

Судот не ги доставува доказите на Специјалното јавно обвинителство, туку тие мора да доаѓат во судот за да направат увид во доказите.

Судијката рече дека ќе им се обезбеди просторија и сите потребни услови за СЈО тимски да направи увид во доказите за „Пуч“, јави репортерот на Макфакс од судот.

Судењето се одложи за 2 март. Лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој е четвртообвинет во случајот, е задоволен од терминот на одлагање на судењето.

Првообвинет во случајот е Зоран Верушевски, обвинети се и неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.

По објавувањето на `бомбите` од страна на опозицијата, прислушувани разговори на високи функционери, тие беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“.