„Рајската градина“, иако недовршена, дење е рај за прошетки, ноќе место за пеколни забави

Скопје, 1 ноември, 2016 – 9:50 (META) 
rajska-gradina-2

Недовршената рајска градина во општината Аеродром преку ден е рај за прошетки на родители и на деца, а навечер е место за пеколни забави на младите.

Тендерот за проектот за паркот неодамна беше поништен, а градежните активности се прекинати. Тоа што може да се забележи на локацијата се големи тревници, неколку летниковци, непоплочени патеки, клупи за седење, канти за отпадоци и поставени бандери за улично осветлување без светилки. Преку ден граѓаните честопати го користат недовршениот парк за прошетка, а поради широкото зелено пространство, има и летачи на дронови.

rajska-gradina-3

„Она што загрижува е тоа што се случува во паркот навечер. Се собираат млади луѓе, ги користат летниковците како место за дружење и притоа не внимаваат на хигиената. Понекогаш дури и ги паркираат автомобилите во паркот за да слушаат музика. Изгледа тоа е ноќната шема на младите овде“, вели жител на Лисиче, кој живее во непосредна близина на недовршениот парк.

Урбаната опрема во паркот не е оштетена. Клупите и летниковците се во добра состојба, а тревниците се гледа дека се редовно одржувани. Но, она што паѓа в очи се многубројните отпадоци, меѓу кои и празни шишиња од алкохолни пијалоци.

rajska-gradina-4

Од Општина Аеродром велат дека сè уште нема информации за конкретни планови за иднината на тој парк.