Американскиот Стејт Департмент во својот последен Извештај во врска со борбата против наркотиците тврди дека Албанија и понатаму останува главен извор на производство на марихуана.
Во наведениот извештај кој го пренесуваат албанските медиуми, се додава дека Албанија исто така е транзит земја за шверц со кокаин и хероин кој се пласира на европскиот нарко пазар.
Според радиото Гласот на Америка во првите десет месеци од минатата година албанските власти успеале да запленат 6,87 тони марихуана и целосно уништиле на засадените плантажи 689.815 садници марихуана која била засадена на 44 хектари во неколку делови на Албанија. Албанските власти исто така во наведениот период заплениле 55,3 кг хероин и 26,4 кг кокаин.
И покрај успесите за запленување и уништување на дрога во соработка со италијанската полиција, но и поддршка на други земји, посебно САД , сепак албанските власти треба да продолжат со нагласена динамика во борбата против производство на дрогите во земјата, се оценува во Извештајот на Американскиот Стејт Департмент.