Сан Антонио реди победи, Вејд не дозволи изненадување во Чикаго

Сан Антонио и на второто незгодно гостување стигна до победа, откако по Голден стејт, „спарси“ синоќа славеа и во Сакраменто со 94-102. По израмнетото прво полувреме, пресуди одличната одбрана на Сан Антонио во третата четвртина, во која „кралевите“ постигнаа само 13 поени. Избраниците на Попович целосно ја превзедоа контролата и на крајот заслужено триумфираа, а во главната улога беше Леонард со 30 поени и пет украдени топки. На „кралевите“ од Сакраменто не им помогна ниту одличното издание на Демаркус Казинс, кој оствари дабл-дабл од 37 поени и 16 скокови, сепак премалку за да се изненади Сан Антонио.

boston-cikago-615x400

Чикаго булс стигна до триумф на домашен терен над Бостон селтикс, и тоа најмногу благодарение на Двејн Вејд и неговиот одличен шут од далечина. Екс-ѕвездата на Мајами постигна четири тројки од шест обиди, што е негов прв меч од регуларен дел од сезоната со повеќе од три реализирани тројки уште од јануари 2013 година. Гостите од Бостон од минус 14 стигнаа на само два поени разлика на една минута до крајот, но токму Вејд со својата четврта тројка ја осигура победата на „биковите“. Големиот ас го заврши мечот со 22 поени, два помалку од најдобриот стрелец Батлер, додека кај гостите Томас беше најефикасен со 25 поени.

Атланта славеше во пресметката со Вашингтон со резултат 114-99. Мечот беше неизвесен се до стартот на последната четвртина, кога домаќините направија серија од 24-4, па на крајот се радуваа на убедлив триумф. Милсап со 28 поени ги предводеше „јастребите“, Хардавеј џуниор постигна 21, додека Двајт Хауард во дебито за новиот клуб реализираше 11 поени, 19 скокови и три блокади.

ЛА клиперс триумфираше на гостувањето против Портланд со 106-114, меч во кој доминираа Грифин и Пол со по 27 поени.

Резултати НБА: 

Атланта – Вашингтон 114-99, Чикаго – Бостон 105-99, Сакраменто – Сан Антонио 94-102, Портланд – ЛА клиперс 106-114.

ekipa.mk