Светот и муслиманите во САД го осудија масакрот во Орландо

Бројни шефови на земји и влади го осудија најголемото масовно убиство во поновата американска историја од неделата во ноќен геј клуб во градот Орландо во кое беа убиени 50 луѓе, како и челникот на американската муслиманска група CAIR, Нихад Авад, кој остро осудувајќи го нападот истакна дека убиецот не ја претставува исламската вера.

Image
„Ова е злосторство од омраза и го осудуваме во најостра можна смисла, Нема да ѝ се предадеме на омразата. Нема да му се предадеме на стравот“, порача Нихад Авад во името на муслиманската заедница во САД.

Во нападот врз ноќниот клуб во центарот на Орландо убиени се 50 луѓе, а 53 се ранети. Вооружениот напаѓач е идентификуван како 29-годишниот Американец од авганистанско потекло Омар Садик Матин. Интернет ресурсите на џихадистичката организација Исламска држава објавија дека тој бил нејзин „борец“, а американските медиуми пишуваат дека во телефонско јавување до службата за итни случаи во текот на нападот во неделата утрото ѝ изразил лојалност на споменатата екстремна сунитска групација.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун го осуди нападот во Орландо и изрази „длабоко сочувство со семејствата на жртвите“ и солидарност со американскиот народ, се наведува во соопштението на светската организација.

Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин во телеграмата до американскиот колега по должност Барак Обама истакнал дека „Русија ја споделува болката и тагата со оние кои ги загубија своите најблиски во овој варварски злосторнички чин, и се надева на брзо закрепнување на ранетите“.

Францускиот претседател Франсоа Оланд во соопштението „со ужас го осудува масакрот … и изразува целосна поддршка на Франција и на Французите на американските власти и народот во ова искушение“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон на Twitter порача дека е „ужаснат од вестите за синоќешниот масакр во Орландо. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства“.

Папата Франциск преку својот портпарол Федерико Ломбарди изјави дека „страшниот колеж кој се случи во Орландо во кој страдаа многу невини жртви, предизвикал (…) длабоко чувство на гнасење, осуда, болка и вознемиреност поради уште една појава на смртоносно лудило и безумна омраза“.

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, во соопштение изрази солидарност со „ЛГБТ заедницата и со американскиот народ“, велејќи дека „теророт и омразата нема да нé променат“. „Членките на НАТО и натаму ќе бидат обединети во борбата против тероризмот“, порача Столтенберг.

Италијанскиот премиер Матео Ренци преку Twitter ги изрази „солидарноста и потресеноста на италијанската влада од гнасниот масакр во Орландо…Нашето срце е со нашите американски браќа“.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој на истата социјална мрежа „остро го осуди валканиот напад во Орландо. Заедно и натаму ќе се бориме за слободата, против омразата и варварството. Шпанија е покрај САД“.

Ашраф Гани, претседателот на Авганистан, од каде потекнува семејството на осомничениот за масакрот Омар Садик Матин, порача дека го „осудува тој ужасен напад во Орландо и оти ништо не може да го оправда убивањето цивили. Моите мисли се со семејствата, жртвите, со американскиот народ и владата“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во соопштение „во името на израелскиот народ и владата му упати на американскиот народ изрази на сочувство по страшниот напад врз ЛГБТ заедницата во Орландо“.

Белгискиот премиер Шарл Мишел на Twitter објави дека е „тажен поради загубата на толку невини животи во масакрот во Орландо. Искрено сочувствуваме со семејствата“.