СДСМ се откажува од забелешките за ДИК, ако се прифатат предлозите од посредниците за медиумите

Од СДСМ се подготвени да ги повлечат своите забелешките во однос на методологијата за Избирачкиот список, доколку останатите учесници во преговорите ги прифатат предлозите на меѓународната заедница за реформите во медиумскиот сектор.

Image

Ваквиот предлог на СДСМ го соопшти Дамјан Манчевски, пред новинарите на пауза од преговорите, што се одвиваа во Клубот на пратеници, во среда вечер.

„Пречистувањето на избирачкиот список и реформата на медиумите се основниот предуслов за фер и демократски избори. Ако ова не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ и останатите учесници во преговорите, тогаш тие не сакаат во Македонија да имаме фер и демократски избори“, рече Манчевски.

Потврди дека за нив не се прифатливи предлозите што дојдоа од ВМРО-ДПМНЕ за медимската сфера, затоа што тие не го решаваат проблемот и мора многу посуштински да се навлезе во реформа на овој сектор.

Белгискиот посредник Питер Ванхауте, пред средбата рече дека останува малку време, а ако не биде оставено доволно време да се подготват, таквите избори може да бидеат проблематични.

„Има интересен развој, ВМРО прифати да ги започне разговорите врз основа на предлогот кој го претставивме претходно, во декември. Мислам дека тоа е значаен чекор напред, сега барем има подготвеност да се започне со работа на тоа. СДСМ ќе ги подготви целосните предлози во законска форма и ќе ги достави до останатите партии за дополнителни консултации. Затоа се надевам дека доколку има волја, ќе оствариме значаен напредок во наредните денови, изјави европскиот медијатор, Питер Ванхауте.

Медијаторот Ванхауте потенцира дека ако не биде оставено доволно време за подготовка на изборите, тоа може да биде проблем. Но најважно е да се стигне до добри решенија

„Сакам нешто јасно да им кажам на сите во земјата, изборите кои не се инклузивни, на кои не сакаат и нема да учествуваат сите партии, тоа е проблем за демократијата и иднината на државата. Затоа ги охрабруваме сите партии да ги преиспитаат своите позиции, но тоа не е само одговорност на опозициските партии, туку исто така е одговорност и на владеачката коалиција, да го направи учеството на изборите атрактивно за опозицијата“, додава Ванхауте.

Во среда имаше заедничка реакција од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) во однос на предлозите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за прашањата за медиумската сфера, од каде ги повикаа СДСМ, ДУИ, ДПА, како и САД и ЕУ да ги отфрлат ваквите предлози и да ги прифатат оние на Ванхауте и меѓународната заедница.

За Државната изборна комисија и изборите, пак, од Владата стигна соопштение дека на седница усвоила повеќе повеќе заклучоци за работата на ДИК. Овие заклучоци произлегле од првата работна координативна средба на Владата и членовите на Државната изборна комисија (ДИК), а се во насока на организација на фер, кредибилни и демократски избори.

Претходно, минатата недела, од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соопштија дека ќе ги прифатат сите предлози на ДИК за методологијата за пречистување на избирачкиот список. Од СДСМ, пак, бараа теренска проверка на списокот.