Северна Кореа лансираше две ракети со среден дострел

Северна Кореа, во средата, лансираше два проектили од среден дострел, најверојатно од типот „Мусудан“, кои можат да ги погодат американските бази во Пацификот, објави јужнокорејската агенција Јонхап.

Image (7)

Првото лансирање, според овој извор, било неуспешно, ракетата се распаднала во воздухот откако летала 150 километри. Потоа Северна Кореа лансирала уште една ракета, која летала 400 километри.

Сеуште не е познато, дали второто лансирање кое се случило два часа по првото, се смета за успешно, ниту каде ракетата паднала.

Проектилите од типот „Мусудан“ биле лансирани од градот Вонсан кој се наоѓа на источниот брег. Од ова подрачје Северна Кореа ги лансираше и претходните проектили од среден домет.

Севернокорејските лансирања наидоа на жестока осуда на официјален Вашингтон, додека јапонскиот премиер Шинзо Абе рекол дека новите лансирања на проектили повеќе не можат да бидат толерирани и ја најавил намерата Јапонија да делува заедно со другите земји.