Сексистички коментар кој „крена прашина“ во тенискиот свет

Извршниот директор на турнирот во Индијан Велс, со изјавата за која многумина сметаат дека е сексистичка, предизвика лавина на коментари во тенискиот свет.

Image

„Во наредниот живот би сакал да се вратам како некој кој му припаѓа на ВТА, бидејќи женскиот тенис го користи машкиот тенис. Не носат никакви одлуки и имаат многу, многу среќа. Да сум тенисерка секоја ноќ би му се заблагодарувал на Бога, што се родени Роџер Федерер и Рафа Надал, бидејќи тие го носеа овој спорт“, рекол 69-годишнот Мур.

Мур, кој од оваа година е директор на турнирот, подоцна упати извинување во писмена форма.

„Извлеков некои погрешни и невкусни кометари. Навистина ми е жал и сакам да упатам извинување до ВТА и до сите тенисерки. Финалето помеѓу Серена и Викторија ја покажа силата на ВТА. Навистина жалам поради коментарите“.

Во расправата, на прес конференцијата по освојувањето на трофејот во Индијан Велс, беше вовлечен и најдобриот на светот, Новак Ѓоковиќ. Српскиот играч смета дека изјавата на Мур, не е „политички коректна“.

„Жените заслужуваат почит за она штого прават, но наградните фондови се тема во тенисот во изминатите седум-осум години. Бев дел од тој процес и знам колку енергија вложија во ВТА за мажите и жените да имаат еднакви наградни фондови. Се бореа и изборија за она што го заслужуваат, но мислам дека АТП треба да се бори повеќе, бидејќи статистиките покажуваат дека кога играат мажите има многу повеќе гледачи. Тоа е причината ние да земаме поголеми награди. Од друга страна, можеби не би требало да се жалиме бидејќи нашите наградни фондови се одлични“, рекол Ѓоковиќ.

Изјавата на Ѓоковиќ не мина премногу позитивно во тениската јавност, а предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи.